Курсот по основи на роботика, кој ќе се одржи во рамките на летниот камп за талентирани ученици, има цел да ги поттикне иновативниот дух, желбата за стекнување нови знаења од областа на роботиката, да го објасни значењето на спојување на софтверот со хардверот за идните компјутерски инженери преку теоретски предавања, лабораториски вежби на реални роботи и истражувања.

Овој курс на учениците ќе им овозможи да ги продлабочат познавањата кои ги имаат од областа на програмирање и роботика, а практичната страна на овој курс ќе им овозможи да научат да размислуваат како комплетни компјутерски инженери, со познавања и од проблемите на софтверот и од хардверот.

Доколку кандидатот успешно го заврши курсот ќе се стекне со соодветен сертификат како и 2 ЕКТС кредити од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) од Скопје.

Критериуми:

  • Оценки по предметите математика, физика и информатика
  • Награди и пофалници од домашни и меѓународни натпревари од овие три предмети ќе се сметаат за предност
  • Квалификациски испит. За финална селекција на кандидатите ќе се организира квалификациски испит од страна на ФИНКИ кој ќе се состои од теоретски испит со прашања и задачи по предметите математика (тригонометрија, алгебра), физика (основи на кинематика и динамика) и основи на програмирање (структурно програмирање во програмски јазик по избор на ученикот). Квалификацискиот испит ќе се одржи на 27.04.2013 (САБОТА), а ќе започне во 10:00 ч, во Амфитеатарот на Технолошко-металуршкиот факултет.

Летната школа за иновативно машинско инженерство има цел да го поттикне критичкото размислување и да ги зајакне вештините за апликативно решавање на проблеми на идните машински инженери преку предавања, истражувања и вежби.

Ќе бидат продлабочени веќе стекнатите знаења во средношколските клупи, а со нивна практична примена учениците ќе добијат можност да ја поврзат теоријата со проблеми од реалниот свет, да ја зголемат својата самодоверба и да се научат да размислуваат како инженери.

Доколку кандидатот успешно го заврши курсот ќе се стекне со соодветен сертификат како и 2 ЕКТС кредити од Машинскиот Факултет во Скопје.

Критериуми:

  • Оценки по предметите математика, физика и информатика
  • Награди и пофалници од домашни и меѓународни натпревари од овие три предмети ќе се сметаат за предност
  • Квалификациски испит. За финална селекција на кандидатите ќе се организира квалификациски испит од страна на МФС кој ќе се состои од прашања и задачи по предметите математика и физика (техничка механика за стручните училишта) прилагодени на наставната материја за втора година средно образование. Дата на испитот: 25.04.2013 (ЧЕТВРТОК) ВО 11:00 ч, во Амфитеатарот на МФС.

Наноматеријалите и нанотехнологиите се една од најдоминантните области во техничкиот и научниот развој во светот. Со можностите што ги нудат и отвараат пред човекот, тие се наметнуваат во решавањето на бројни проблеми, но и во отворање на нови видици.

Летниот камп на тема НАНОМАТЕРИЈАЛИТЕ и НАНОТЕХНОЛОГИИ ќе содржи предавања за основните типови на наноструктури, постапките за нивното добивање, нивните карактеристични својства и можностите за нивна примена. Овој вид на предавања се очекува да придонесе и во разбудување и заживување на интересот и ориентацијата на младите кон развојот и примената на новите материјали и технологии, и нивното насочување кон изучувањето на овие полиња.

Овие предавања ќе придонесат и за збогатување и подигнување на техничката култура на младите генерации кои треба да бидат спремни и подготвени за новите технички достигнувања и иновации кои секојдневно доаѓаат од поразвиените и побогати економии и земји. Успешно завршениот курс ќе носи 2 ЕКТС.

Критериуми:

  • Оценки по предметите математика и хемија
  • Награди и пофалници од домашни и меѓународни натпревари од овие предмети ќе се сметаат за предност
  • Квалификациски испит. За финална селекција на кандидатите ќе се организира квалификациски испит од страна на ТМФ кој ќе се состои од прашања и задачи по предметите математика и хемија прилагодени на наставната материја за втора година средно образование. Дата на испитот: 26.04.2013 (ПЕТОК) ВО 11:00 ч, во Просторија 315 на ТМФ.