Министерството за образование и наука во соработка со Технолошко – металуршкиот факултет, Машински факултет и Факултетот за Информатички науки и компјутерско инженерство објавува конкурс за двонеделен летен камп за талентирани млади. Кампот ќе се одржи од 10 до 24 јуни 2013 година во Хотел "Молика", Пелистер, Битола.

Право на пријавување имаат талентирани ученици кои се втора или трета година средно образование, како и учениците кои минатата година беа добитници на четирите стипендии за летниот камп за талентирани млади (Center for Talented Youth, Johns Hopkins University) во Соединетите Американски Држави.

На летната школа ќе се одржат три различни курсеви, организирани од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Машинскиот факултет, како и Технолошко-металуршкиот факултет. Учениците смеат да пријават интерес за повеќе курсеви, но, според нивните преференци и резултати, ќе можат да учествуваат само на еден.

Курсевите за кои можат да се пријават учениците се:

  • Основи на роботика (организиран од ФИНКИ)
  • Наноматеријали и нанотехнологии (организиран од ТМФ)
  • Иновативно машинско инженерство (организиран од МФС)

Повеќе информации за курсевите, како и детална информација за начинот на рангирање на кандидатите, можете да најдете во делот "Курсеви".

Хотел "Молика" се наоѓа во југозападниот дел од Република Македонија. Лоциран е во просторот на Националниот Парк "Пелистер" на локалитетот "Бегова Чешма" на надморска височина од 1420 метри, сместен во раскошот на прекрасна моликова шума.

Самата местоположба на хотелот на североисточниот дел од Националниот парк, овозможува поглед на Пелагониската котлина, градот Битола и околината. Овој дел од паркот е еден од најинтересните и највозбудливите локалитети специфичен по богатството на ретки видови растителен и животински свет.

Врската на хотелот претставува современ асфалтен пат во должина од 15 км до градот Битола и меѓународниот пат помеѓу Битола и Охрид. Тој е одлична локација за вљубениците во здравата еколошка средина, чистиот воздух, мирот и тишината далеку од урбаните средини.

Предноста на хотелот "Молика" е и во тоа што се наоѓа недалеку од градот Битола што претставува стопански, административен и образовен центар во југозападниот дел на Република Македонија. Надалеку е прочуен по својата историска и културна традиција, а богат е и со многубројни културно историски споменици кои го отсликуваат времето во минатото, како и ретката градска архитектура препознатлива на овие балкански простори.